И ДУИ испрати честитка за Илинден порачувајќи дека Македонија е заедничка татковина и дека иднината не се гради со поделби.
„2 Август нѐ потсетува на еден од најблагородните идеали на нашата заедничка историја – уверувањето дека слободата не се гради врз надмоќта на едните над другите, туку врз еднаквоста, почитта и соживотот. Духот на Крушево беше повик за држава во која Албанците, Македонците и сите заедници ќе ја споделуваат одговорноста и заедничката судбина.
За жал, повеќе од еден век подоцна, наместо да му се приближуваме на тој идеал, ние се оддалечуваме од него. Наместо партнерство, повторно се враќа логиката на доминацијата, а наместо инклузивност, се продлабочува исклучувањето. Албанците сѐ повеќе се маргинализираат во државните институции, администрацијата, дипломатијата, безбедносниот сектор, правосудството, образованието, културата, здравството, економијата и во процесите на одлучување што ја определуваат иднината на државата.
Охридскиот мировен договор, како современо продолжение на духот на Крушевскиот манифест, се соочува со постојани обиди за негово поткопување. Нападите врз службената употреба на албанскиот јазик, укинувањето на механизмот што гарантираше правична и соодветна застапеност, нападите и слабеењето на механизмот за заштита од мајоризација, непочитувањето на реалноста утврдена со пописот на населението, селективната правда и промовирањето на моноетнички концепт на државата се сериозни сигнали за насоката во која се движи земјата.
Уште позагрижувачки е фактот што овие политики се овозможуваат со поддршка од одредени албански претставници, кои наместо да ја бранат волјата и достоинството на граѓаните што тврдат дека ги претставуваат, избраа потчинување пред власта. Без легитимитет од народот и без храброст да го бранат националниот интерес, тие не можат да бидат гласот на еднаквоста.
Сепак, определбата на Албанците не е променета. Ние избравме заедничка, унитарна, демократска и европска Северна Македонија, во која никој не се чувствува помалку вреден од другиот и во која државата подеднакво им припаѓа на сите нејзини граѓани. Тоа е патот што води кон праведна држава, цврсто втемелена во НАТО и интегрирана во Европската Унија.
На овој симболичен ден, да се потсетиме дека иднината не се гради со поделби, страв или исклучување. Таа се гради така што оваа држава ќе ја гледаме не како сопственост на едните или на другите, туку како наша заедничка татковина. Само врз темелите на еднаквоста, меѓусебната почит и искреното партнерство можеме да изградиме силна држава и сигурна иднина за сите“м порачаа од ДУИ.
Инаку, министерот за правда Јетон Шасивари беше дел од владината делегација која во Крушево положи свежо цвеќе на Споменикот на бранителите на Крушевската Република и на Споменикот на хероите на месноста „Слива“, во чест на големиот државен празник – Илинден.

Со овој чин беше оддадена почит кон илинденците и сите борци кои со својата пожртвуваност и визија ги поставија темелите на државата.

„Наследството на хероите од Илинден останува трајна обврска за негување на демократските вредности, владеењето на правото и заедничката одговорност за просперитетна иднина на државата.Нека ни е честит 2 Август – Денот на Републиката.Нека живее единството, правдата и заедничката иднина на сите граѓани на Република Македонија“, порачаа од Министерството за правда.










