Клековски: Одговорност за Гостивар ќе има, но да не биде линч

featured
Press Online
25 Korrik 2026, 16:24

Забавување во системот за рано предупредување од три до четири дена е регистрирано при првичните известувања за инфекциите во Гостивар, потврди министерот за здравство Сашо Клековски. Според неговите изјави, надлежните служби веќе ги анализираат сите медицински податоци и повици до матичните лекари за точно да се утврди хронологијата на настаните. Клековски беше дециден дека утврдувањето на одговорноста е неизбежно, но нагласи дека целиот процес мора да се заснова на стручни факти, а не на медиумски или политички линч.

Како што соопшти првиот човек во здравството, моментално се прават детални увидни анализи преку три независни извори за да се извлечат поуки и да се коригираат системските слабости. Од Министерството додаваат дека фокусот во моментов е ставен на спречување на таканаречени „опашки“ од епидемијата кои можат да настанат поради нарушена лична хигиена.

Клековски во своето обраќање го појасни ставот околу одговорноста и меѓуинституционалната истрага:

„Надвор од редовните контроли има национална програма. И врз основа на таа национална програма, сите вршат документарна контрола над тоа што го вршат јавните комунални претпријатија. Во основа се побарани сите анализи од првите анализи на 26-ти до сега. И тие се предмет на анализа. Бидејќи збориме за одговорност, ќе дозволите да погледнеме како се движела точната хронологија. Јас одговорно тврдам дека одговорност ќе има. Меѓутоа да не биде линч. Да не скокаме веднаш во обвинувања за оваа или онаа ситуација.“

Шефот на здравствениот ресор се осврна и на утврдените доцнења во пријавувањето на заразите од терен.

„Здравствената институција го преиспитува работењето на овие институции, во основа веќе е вклучена. Едно е прашањето на одговорност, друго е прашањето на научени лекции. Кога бил нултиот случај? Колку долго поминало од нултиот случај до свесност на здравствените власти дека нешто се случува? Отидов кај инфектолозите, колку време поминало од првата пријава во системот додека се запалиле црвените светла, дали е регистрирано? Како се вкрстува тоа со анализите на Центар за јавно здравје и уште треба да ги видиме и анализите на АХВ. Треба да ги сумираме сите информации. Затоа јас ви гарантирам дека многу брзо, нема тоа да бидат месеци, ќе ги комплетираме и ќе имаме еден објективен поглед на работите. Одговорноста е една работа, другото е да видиме што можеме да поправиме во системот на рано предупредување, бидејќи очигледно пријавите за заразни заболувања имаат 3 до 4 дена доцнење во известувањето според ова што до сега можам да го видам на терен.“

Adresa juaj email s’do të bëhet publike. Fushat e domosdoshme janë shënuar me një *

0/30 karakter