Орце открива биста на Ганди, а скопјани чекаат чисти патеки и тротоари по невремето

featured

По првичниот бран расчистување на скопските улици, во што беа вклучени сите надлежни служби, до денеска на пладне, ни во центарот на Скопје, не се целосно расчистени и проодни тротоарите и патеките низ паркчињата.

Само двајца чистачи од службите на општина Центар можат да се видат на улицата „Народен фронт“, кои се обидуваат да ги сметат ситните искршени гранчиња околу паркираните автомобили, но големите паднати гранки и дрвја стојат во тревниците. Нема екипи со моторни пили за да ги иситнат и да ги однесат.

Во меѓувреме пешаците се движат како на слалом по тротоарите на „Васил Ѓоргов“, кои се потполно непроодни од паднати елки и други дрвја. Низ паркинзите меѓу зградите сѐ уште има автомобили поклопени од огромни паднати дрвја.

Невремето не го уништи паркот зад ТЦ „Зебра“, за кој општината плати близу 500.000 евра, за засадување грмушки и мали дрвца, а беше посеана трева, поддржана од систем за наводнување. Но, гранките кои се тргнати од патеките се фрлени токму на тревата и чекаат да бидат отстранети.

Паднати гранки и дрвја, кои го попречуваат движењето на пешаците по тротоарите има и околу комплекс банки, од кај Железничката станица накај Олимпискиот базен. Ни кејот на Вардар во близина на поранешниот „Дрво декор“, не е подобра состојба.

Додека, строгиот центар на градот е прооден за автомобили, пешаците не се толку комотни и покрај многуте фотографиите од градоначлниците кои уште вчера излегоа на терен заедно со службите.

Денеска пак, градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, не ги надгледува и не учестува во расчистувањето со службите, а и ретко каде можат да се видат дека работат на понатамошно оспосубување на јавниот простор за користење. Тој одлучи, заедно со претседателката Гордана Сиљановска Давкова и индиската претседателка Друпади Мурму, во Музејот на Град Скопје, да открие биста на Махатма Ганди, духовниот водач на индиската борба за независност.

Премиерот Христијан Мицкоски е убеден дека „оваа влада никогаш не ги оставила граѓаните сами да се снаоѓаат“. Но, вели дека тоа било епско невреме, а владата има начин како да ги исплати штетите на сите граѓани чиј имот настрадал од невремето. Тој им се заблагодари на градоначалниците и на службите кои навремено излегле на терен и ги санирале штетите.

Тениско кај „Александар Палас“

– И денеска ќе продолжат бидејќи станува збор за епско невреме. Навистина мотивацијата и нивната подготвеност да помогнат беше голема. Штетите ќе се санираат и согрласно закони и искуство од претходна пракса ќе биде од страна на надлежните служби сето тоа рефундирано – рече Мицкоски денеска, на пуштањето во употреба на реконструираното одделение за Трауматологија на Клинички, прашан како ќе се обештетат граѓаните по вчерашното невреме.

Од Управата за хидрометеоролошки работи пак, и денеска објавија метеоаларм дека ќе има повремени врнежи од дожд и локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Наместа ќе има услови за невреме со појава на град. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (над 60 km/h).(Б.Б.)

--°