Водата во Гостивар може да се користи како техничка, но не и за приготвување храна. Ќе продолжи испораката на флаширана вода, информира денеска на прес-конференција министерот за внатрешни работи и раководител на Управувачкиот комитет, Панче Тошковски.
Според него, сè уште не немало потврда согласно мерењата дека може да се користи за пиење, ниту пак за подготвување храна.
„По повеќекратни испитувања на водата имаме добиено потврда од страна на експертите од анализите коишто се правени, дека може да се користи како техничка вода, но не може сè уште да се користи како вода за пиење или пак за приготвување на храна“, подвлече Тошковски.
Во делот на обезбедување на флаширана вода за пиење, тој нагласи дека ќе продолжат со достави како и претходните денови.
„Во координација сме со општината во делот на сето она коешто треба да се преземе и понатаму. Сакам лично да изразам огромна благодарност, прво на гостиварци за нивното разбирање, потоа на сите експерти и луѓе коишто беа вклучени на терен. Тие се тие коишто ги преземаа сите професионални активности во делот на хиперхлорирање, поставување апаратура за да дојдеме до оваа фаза, техничка вода за употреба, а се надевам за брзо ќе ја известиме јавноста точно кога и повторно ќе дојдеме до вода за пиење“, информира Тошковски.
Тошковски рече дека ни Армијата ни полицијата со почести контроли не треба да се вклучи во обезбедување на водоводни системи, како што предлагаше опозициската Левица.
„Тоа не е работа на Министерството за одбрана и не е работа на Армијата, барем не во мирнодопски услови. Така што секоја институција што е надлежна да се грижи за водоводните системи во рамките на општините е должна да ги преземе сите законски ингеренции утврдени со регулативата. Сметам дека, доколку секој си ја врши работата што му е утврдена со законските и подзаконските акти, не би требало да имаме вакви проблеми“, рече Тошковски одговарајќи на новинарско прашање.
Тој ѝ порача на опозицијата да не предизвикува „хистерија“ и да ја вжештува атмосферата кај граѓаните.
„Наместо опозицијата да ја зоврива атмосферата кај граѓаните, наместо да предизвикува хистерија и да се насочува кон уривање на сè што е видливо за граѓаните, а тоа е дека оваа влада навистина прави максимум со она што го затекна, да се фокусира на доброто на граѓаните – но искрено, не со хистерија“, рече Тошковски
Тој рече дека полицајците треба да се присутни на терен и се присутни, но дека нивна задача не е обезбедување на водоводните мрежи.
Тошковски истакна дека долг временски период не се вложувало ниту инвестирало, а оние што ги менаџирале институциите не се посветиле на решавање на проблемите на граѓаните.









