Доцнат решенијата за данок на имот во Скопје, но затоа ќе натежнат

featured
Press Online
25 Korrik 2026, 08:19

Повисоки сметки за данок на имот се очекува да добијат скопјани во наредниот период, затоа што Град Скопје, воден од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, во соработка со УНДП врши репроценка на вредноста на имотот на граѓаните, нешто што според нив не е направено повеќе години.

„Не може становите да се продаваат по 2.500 евра за квадрат, а данокот да се плаќа на проценка од 1.200 евра“, тврдат од Град Скопје. 

Тоа е и една од причините зошто жителите на главниот град се уште не ги добиле решенијата за данок на имот, кои секоја година се испраќаа во март.

На почетокот на месецов поголемиот број жители на Скопје ги добија решенијата за данок на имот за 2026 година во електронска верзија, со износ ист како и во изминатите години, но изостанаа граѓаните од две општини, Карпош и Центар, до кои пресметките за данок допрва треба да стигнат.

Граѓани и од груги општини низ Скопје велат дека не добиле решение за наплата на данок на имот, но дел од нив очекуваат да го добијат како и до сега во хартиена форма, а Градот почна да го доставува во електронска форма. 

Пред два месеци Советот на Град Скопје усвои нов Правилник за унифицирање на цените на градежното и земјоделското земјиште и зоните на населени места на подрачјето на Град Скопје, во кој стои дека при утврдување на данок на имот, како и при вршење ревизија на пазарната вредност на недвижниот имот на секои 4 години, даночна основа претставува пазарната вредност на недвижниот имот утврдена во овој Правилник.

Но, оваа обврска со години не била исполнета, тврдат од Град Скопје.

„Ние имаме обврска да го обновуваме тој Правилник, кој не бил обновен 7-8 години. Во меѓувреме значително се променети цените на становите. На пример, стан е продаден за 2.500 евра, таков купопродажен договор ни се доставува, а се даночи по цена од 1.200 евра, како што бил проценет во минатото. Од тие причини е донесен новиот Правилник кој се темели и на праксата што ја имаме од договорите за купопродажба“, објаснуваат од Градот.

Во Карпош и Центар, како најатрактивни општини за купување имот, уште се врши репроценка на недвижниот имот, па даночните решенија кои се изготвуваат за сопствениците на имот во овие две општини и кои ќе се достават наскоро, ќе бидат со повисок износ од претходно, заради зголемената вредност на становите.

„Целта е во цело Скопје да се даночи според пазарната вредност – велат од Град Скопје, од што произлегува дека и во останатите општини во наредниот период ќе се изврши проценка на имотите“, додаваат од Град Скопје.

Дел од граѓаните очекуваат даночните решенија да ги добијат во хартиена форма, а Градот најавува набавка на машина за печатење и ковертирање, за да се избегне праќање по пошта, затоа што АД „Македонска пошта“, која досега имаше ексклузивно право за достава на мали пратки до 50 грама, ја укинало услугата за масовно ковертирање и достава.

Поради тоа, велат од Градот, им пропаднал претходно објавениот тендер за достава на решенијата.

„Градот обезбедува машина за печатење и ковертирање и распишува нов тендер за достава, а паралелно во врска со доставата сме во контакт и со десетте скопски општини“, уверуваат од Град Скопје.

Некои од жителите на главниот град, пак се прашуваат дали само тие кои се доследни во плаќањето на данокот на имот, ќе го понесат товарот, затоа што поранешната градоначалничка Данела Арсовска неколкупати укажа дека голем дел скопјани воопшто не добиваат решение за данок на имот, затоа што Градот ги нема податоците за сопственоста на живеалиштата и деловните простори. Тврдеше дека за да ги добие тие податоци од Агенцијата за катастар, Градот треба да плати околу 2.000.000 евра.

Од Катастарот тогаш ѝ одговорија на Арсовска дека „за да ги запишат своите имоти, граѓаните прво треба да ги поминат сите потребни инстанци во службите на Град Скопје, да го платат данокот, а дури потоа се впишуваат податоците во јавната книга – катастар. Со донесување на решението за данок, Градот веќе се стекнал со потребните податоци“.

Но, доколку се потребни тие податоци кои ди поседува Катастарот, не можат да ги обезбедат бесплатно како што бараат општините и Градот, а доколку им се потребни можат да ги добијат по цена од 20 денари за катастарска парцела. Дали Градот направи напор и издвои пари да ги обезбеди овие податоци никој не соопшти.

Сепак и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во неколку наврати изјави дека повеќе од една половина од објектите во Скопје никогаш не биле проценети и внесени во даночната база, што значи, веројатно ситуацијата е иста.

Можеби сепак, Град Скопје изнашол начин да стигне до податоците и сите кои поседуваат некаков имот во главниот град да добијат решенија за плаќање данок на имот, а во тоа може да му помогне и скоро назначениот секретар на Градот, Славче Трпески, кој е поранешен дирекот на Агенцијата за катастар.

По основ на неплатени даноци од 2020 година до сега, Град Скопје има „изгубено“ околу 20 милиони евра. Тоа го потврдува и последниот извештај на Државниот завод за ревизија.

Adresa juaj email s’do të bëhet publike. Fushat e domosdoshme janë shënuar me një *